На 25 октомври 2017 година, пред речиси точно една година, го
преземав извршувањето на функцијата градоначалник на општина
Гевгелија. На тој ден, општина Гевгелија имаше долг од над 143
милиони денари кон доверителите, односно кон стопанството.
Згора на ова општината по основ на кредитни задолжувања
имаше уште 2 милиони евра долг кон кредиторите, рече
градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на
вчерашната прес конференција во Владата на Република
Македонија во врска со новата мерка планирана во ребалансот на
Буџетот за финансиска поддршка од 3 милијарди денари за
покривање на заостанатите долгови на општините односно 51%
од пријавените обврски како и за заштитните механизми
предвидени во Законот за финансирање на единиците на локална
самоуправа со кои ќе се воспостави ред во планирањето на
општинските буџети.

-Во изминатава една година успеавме со домаќинско и одговорно
работење финансиски да ја консолидираме општината.
Општината успеа во рок од една година да врати над 25 милиони
денари, односно 17% од долгот кон стопанството. Но, за да го
постигнеме ова во текот на целото досегашно работење моравме
да балансираме и од една страна да внимаваме општината да ги
извршува своите обврски задоволувајќи ги потребите на граѓаните
согласно програмите од буџетот, а од друга страна се обидувавме
општината да ги сервисира тековните и дел од заостанатите
долгови.
Предлогот Владата на Република Македонија да интервенира и да
преземе мерки за покривање на 51% од долговите на општините
за нас како градоначалници е многу значаен. Исплаќањето на
значаен дел од долговите ќе значи дека веќе нема да мораме до
толку да се грижиме дали нашите сметки ќе бидат блокирани, да
трошиме драгоцено време на состаноци со доверителите, туку ќе
можеме да се посветиме на нови проекти. Од друга страна ова е и
добра вест за нашите стопанственици кои се доверители на
општината.