Skip to content
Menu
Radio Gevgelija
  • RADIO GEVGELIJA
  • ОД ДОБРОВЕЧЕР ДО ДОБРОУТРО
  • 91480
  • Прилог со видео
  • CINEMA
Radio Gevgelija

Гевгелија доби депонија по стандарди на ЕУ !

Posted on октомври 25, 2018 by Радио Гевгелија

Во Гевгелија е предадена во употреба новата Времена депонија
за комунален отпад – прва во земјата изградена комплетно по
стандарди на Европската унија. Изградбата на депонијата, вредна
скоро еден милион американски долари е финансирана од
јапонската влада, а проектот е имплементиран од Програмата за
развој на Обединетите нации (УНДП). На свеченото предавање во
употреба на Времената депонија присуствуваа, покрај
градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда и
претставничката на УНДП, Луиза Винтон. Депонијата кај Гевгелија
зафаќа површина од 20.000 метри квадратни, има капацитет од 50
тони отпад дневно и ќе биде од времен карактер за период од пет
години.


„Општина Гевгелија за време на бегалската криза се соочи со два
големи предизвици – хуманоста и безбедноста. Граѓаните на
општината, без своја вина беа изложени на големиот бегалски
поход од соседна Грција. Но, и покрај тоа ја демонстрираа својата
хуманост кон овие напатени луѓе. Истовремено успеаја, со
поддршка на македонската и европската полиција, да ја заштитат
својата и безбедноста на целата општина. Во овие критични
мигови беше значајна поддршката од УНДП, која донираше
комунална опрема и возило за транспорт, а финансиски ја
поддржа и реконструкцијата на бунарот со вода за пиење кај
Вардар. Ваквата поддршка беше крунисана со обезбедениот на
грант од 980.000 долари, преку УНДП, од Владата на Јапонија,
која излезе во пресрет на потребите на граѓаните на општина
Гевгелија. Со доделениот грант во Гевгелија е изградена
најмодерната депонија за комунален отпад, која во иднина ќе
биде дел од регионалниот систем за справување со комуналниот
отпад во Југоисточниот плански регион, изјави градоначалникот на
општина Гевгелија на предавањето во употреба на Времената
депонија, нагласувајќи:

Изградбата на Времената депонија за комунален отпад во
Гевгелија има двојно значење: дислоцирање на дивата депонија
кај Сува река, каде што неодамна и официјално беше предадена
во употреба новата Пречистителна станица. Истовремено,
создавање на најсовремени услови за дистрибуција и складирање
на комуналниот отпад во Гевгелија. Со тоа општина Гевгелија ги
обезбедува потребните предуслови за остварување на
оддржливиот економски и еколошки развој на општина. По
изградбата на Времената депонија, а за целосно
профункционирање на системот за депонирање на комуналниот
отпад, приоритет е оспособувањето на патот, кој зафат сме на пат
да го решиме во најскоро време. Секако и ревитализацијата на
локацијата од досегашната дива депонија кај Сува река, за што од
страна на ГИЗ веќе е изработен елаборат“, рече градоначалникот
на општина Гевгелија Сашо Поцков.
„Навистина ни е драго што јапонската влада беше во можност да
одвои средства за овој вреден проект“, изјави јапонската
амбасадорка Кеико Ханеда. Ханеда додаде дека земјата се
соочува со сериозни проблеми со одлагање на отпадот и овој
проект претставува пример кој треба да го следат и другите
градови и региони, надевајќи се дека оваа современа депонија ќе
има клучна улога во идниот систем на интегрирано справување со
отпадот на југоистокот на земјата
„Во УНДП сме задоволни што сме пионери во изградбата на
првата депонија целосно според стандарди на Европската унија“,
изјави Луиза Винтон, постојан претставник на Програмата за
развој на Обединетите нации (УНДП). „Но, правењето било што за
прв пат знае да биде тешко. Движењето низ бирократските
лавиринти за да се обезбедат сите потребни дозволи траеше две
години. И тоа се одвиваше пред дури и да почнеме со изградбата.
Затоа, им благодариме на нашите јапонски партнери за
трпението.

Но, сега, кога имаме функционална депонија, очекуваме да
станеме „туристичка атракција“, каде што министри,
градоначалници и граѓани можат од прва рака да видат дека
депонијата изградена по ЕУ стандарди личи на се, но не на отпад.
Се надеваме дека на овој начин ќе го забрзаме процесот за
изградба на петте планирани регионални депонии и исто така сме
подготвени да го понудиме нашето искуство како обемната
бирократија и прекубројни регулативи можат да се надминат“,
рече Винтон, изразувајќи гордост што учествувала во
реализацијата на овој проект.
– Мислам дека депонијата во Гевгелија ќе стане место каде ќе
може да дојдат обичните граѓани, сите други градоначалници и
министри да видат дека депонијата изградена според стандардите
на ЕУ не претставува обично ѓубриште и обична дупка за отпад,
рече Винтон.
Таа побара од општината да ја стави во функција депонијата.
УНДП во моментот помага во обуката на лицата кои ќе работат во
депонијата, а се очекува во најскоро време да биде завршен патот
до депонијата и обезбедување на соодветни возила за отпад и
друга потребна опрема.
Депонијата е дел од поголем проект од 2,2 милиони американски
долари, поддржан од јапонската влада, а спроведуван од УНДП
како поддршка за општините кои беа најмногу погодени во
бегалската криза во 2015-2016 година. Меѓу другите проекти
финансирани од јапонската помош беше и реконструкцијата на
пумпната станица во Гевгелија, со која двојно се зголеми
капацитетот на снабдување на општината со вода за пиење. Исто
така се реконструираше и коритото на Липковска река во
Куманово, и сите проекти заедно придонесоа подобрување на
квалитетот на живот на околу 150.000 жители во овие општини.
Со пуштање во употреба на оваа депонија ќе се затвори
сегашната нелегална депонија, која се протега по брегот на Сува
Река, чиј капацитет е одамна надминат и претставува сериозна
закана за животната средина и здравјето.

Radio Gevgelija

Radio Гевгелија ја продолжи својата работа ....
©2025 Radio Gevgelija | Powered by Superb Themes