Изминаа првите 100 дена од мандатот кој вие ми го доверивте на локалните избори во октомври 2017 година.
Овој првичен период беше период за скенирање на состојбите, поставување здрава основа за идните активности и за вградување на изборните ветувања во развојната програма на општината. Како што јавноста веќе беше информирана, затекнав доста непожелна состојба во општината: високи долгови, незавршени и погрешно поставени проекти, запоставувани проблеми, недоволно ефикасна јавна администрација. Но, промените веќе започнаа и уверен сум дека граѓаните наскоро ќе ги почувствуваат благодетите од новата политика проектирана да биде во служба на граѓаните и заштита на нивните интереси, нагласи градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, запознавајќи ја јавноста со Отчетот за изминатите 100 дена на градоначалничката функција.
-Како што ветивме, така и започнавме со транспарентно, домаќинско и одговорно работење во исполнувањето на нашата визија за европска, модерна и зелена Гевгелија.
Веќе во првите сто дена успеавме да создадеме конкретни проекти и да ги исцртаме контурите на проектите кои ќе следат во најскоро време. Така на пример, успеавме целосно да ги реновираме вратите и прозорците во детската градинка ,,Цветови’’, а по оштетувањата да го санираме и покривот на градинката. Во овој краток временски период беше асфалтирана и улицата ,,Топлик’’, а беше изградена и нова линија на улично осветлување на улицата ,,Ѓорѓи Сугарев’’, рече Поцков.
-Во една максимално транспарентна постапка беше донесен и Буџетот за 2018 година.
Очекуваме дека во наредниве неколку месеци со работа ќе започне и Пречистителната станица, како и дека ќе се заврши проектот за новиот водоснабдителен систем. Веќе отпочнаа градежните работи за уредувањето на излетничкото место Динќут, како и подготвителните работи за новата најсовремена депонија. Заедно со градоначалниците од Југоисточниот плански регион ќе изградиме две прифатилишта за бездомни животни – од кои едното ќе биде во Струмица, а другото во Гевгелија. Со грантот кој го добивме од германската КфВ Банка во наредниве две години ќе работиме на изградба на водоводен и канализационен систем во оние делови од градот и населените места кои досега беа запоставени во овој поглед. Во договор со компанијата-изведувач на градежните работи на Конска брана ќе се пробие и трасира заобиколен пат во насока на Западен булевар со што ќе се растерети градскиот сообраќај, особено на улицата „Петар Мусев“ и кај основното училиште „Крсте Петков Мисирков“.
-Покрај ова, моја силна заложба пред Министерството за транспорт и врски е забрзувањето на постапките за донесување на урбанистичките планови. Во изминативе три месеци одржав и многу средби со потенцијални инвеститори од земјата и странство. Кај нив е очигледен интересот да инвестираат во земјава и особено во општина Гевгелија поради позитивната бизнис клима која ја нуди Владата, како и поради добрата географска положба и линиите кои не’ поврзуваат со солунското пристаниште и со срцето на централна Европа. Освен средбите со странските инвеститори, одржавме и средби со претставниците на различните бизнис сектори во Гевгелија. Ваквите средби ќе бидат редовна пракса.Општина Гевгелија беше посетена и од многу амбасадори и претставници на меѓународни организации. Со сите нив градиме односи на пријателство и создаваме основа за понатамошна соработка – информираше градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков за изминатите 100 дена по преземањето на градоначалничката функција.
Периодот кој измина од преземањето на градоначалничката функција до денес беше краток, но сепак со макотрпна и посветена работа се потрудив да направам колку што е можно повеќе во насока на исполнување на ветувањата. Како и секогаш – почетоците се најтешки. Со гордост можам да кажам дека после првичниот период насочен кон скенирање на состојбите сега сме консолидирани и подготвени за одржување на дадениот збор. Заедно со вас ќе работиме на исполнување на нашата визија за Гевгелија како град со кој ќе се гордееме и во кој слободно и просперитетно ќе живееме, работиме и создаваме, рече Сашо Поцков.